Seyit Şamil Kurt
11 Мај 2026•Ажурирај: 11 Мај 2026
Владата на САД започна со враќање на 17 американски државјани од крузерот на кој се појави инфекција од хантавирус, соопшти Одделот за здравство и социјални услуги, јавува Анадолу.
Стејт департментот организира чартер-летови за враќање на американските државјани од крузерот „МВ Хондиус“ откако бродот вчера се закотви во Тенерифе, на шпанските Канарски Острови, информираа од здравствената служба на американската платформа за социјални медиуми X.
Во евакуацијата се вклучени и Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), кои ја координираат целата операција.
Двајца патници, еден со благи симптоми, а кај другиот веќе е потврдено присуство на вирусот, се транспортирани во специјализиран дел за биоизолација во леталото.
Патниците првично ќе бидат сместени во Медицинскиот центар при Универзитетот во Небраска, Омаха. Потоа патникот со поизразени симптоми ќе биде транспортиран во друг специјализиран центар за медицински третман.
„По пристигнувањето во овие установи ќе се изврши клиничка процена и ќе биде обезбедена соодветен третман и во согласност со нивната здравствена состојба“, соопштија од здравствената служба.
Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) ја класифицира состојбата како вонредна состојба од трет степен, што претставува најниско ниво на активирање на протоколите за итни случаи на оваа агенција.
Заразата предизвикана од сојот на хантавирус од Андите резултираше со пет потврдени случаи, меѓу кои три со смртен исход, се наведува во официјалните податоци на Светската здравствена организација (СЗО).
Научниците потврдија дека инфекцијата е предизвикана од сојот на хантавирус од Андите, кој претставува единствен познат сој со способност за трансмисија од човек на човек, најчесто преку близок контакт.
Според Светската здравствена организација (СЗО), двајцата патници што подоцна починаа патувале низ Аргентина, Чиле и Уругвај пред да се качат на бродот.
Патниците ќе бидат под медицински надзор во период од околу шест недели, што соодветствува со инкубацискиот период на вирусот, додека здравствените власти во неколку сојузни држави ги следат патниците што веќе го напуштиле бродот пред официјалната потврда на заразата, информираат претставници од ЦДЦ.