Safvan Allahverdi
20 Август 2019•Ажурирај: 20 Август 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Соединетите Американски Држави (САД), Морган Ортагус, го осуди воздушниот напад извршен врз турскиот воен конвој и цивилите во сириски Идлиб, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ортагус на Твитер објави соопштение во врска со воздушниот напад врз турскиот воен конвој кој се движеше кон набљудувачката точка број 9 во Идлиб, како и врз цивилите во овој град.
„Асадовиот режим и неговите сојузници треба веднаш да се вратат кон прекинот на огнот во Идлиб. По предавничкиот воздушен напад врз турскиот конвој, безмилосно се таргетирани и цивилите, тимовите за хуманитарна помош како и објектите. Го осудуваме ова насилство кое треба да заврши“, нагласува Ортагус.
- Тројца цивили загинаа, додека 12 беа повредени -
Инаку, Асадовиот режим поддржан од Русија изврши воздушен напад врз турскиот воен конвој кој се движеше кон набљудувачката точка број 9 во Идлиб, при што смртно настрадаа тројца цивили, додека 12 беа повредени.
Министерството за национална одбрана на Турција вчера објави соопштение во кое го осуди овој напад, и побара итно преземање на потребните мерки.