Seda Sevencan
30 Јануари 2025•Ажурирај: 31 Јануари 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Операциите за пребарување и спасување се прекинати и сега се во тек напори за извлекување на телата, соопштија официјални лица по неколку часа откако патнички авион и воен хеликоптер се судрија во близина на Вашингтон, главниот град на САД, известува Анадолу.
„И покрај сите овие напори, сега преминуваме од спасувачки операции во операции за извлекување“, изјави денес Џон Донели, началник на противпожарната и итната медицинска помош во Вашингтон, и додаде:
„Во овој момент не веруваме дека има преживеани во несреќата.“
Од авионот досега се извлечени телата на 27 лица, а од хеликоптерот е извлечено телото на една жртва.
Во средата вечерта, патнички авион на „Американ ерлајнс“ и хеликоптер „Блек хок“ на американската Армија се судрија во воздух во близина на аеродромот „Роналд Реган“ во Вашингтон.
Авионот со 60 патници и четворица членови на екипажот летал од Канзас. Во хеликоптерот, кој бил на тренажен лет, имало тројца војници.
По судирот патничкиот авион и хеликоптерот се урнаа во реката Потомак.