Aida Cako
27 Октомври 2025•Ажурирај: 28 Октомври 2025
СКОПЈЕ (АА) – Кувајт, главниот град на истоимената држава, претставува жив метрополитенски центар што се одликува со модерна архитектура, но и богато историско наследство, известува Анадолу.
Градот е спој од традиционален и современ начин на живот.
Секое утро улиците се исполнети со луѓе што брзаат кон своите работни места, а од кафулињата се шири препознатливиот мирис на силното арапско кафе.
На традиционалните пазари, како Сук Ал-Мубаракија, жителите и туристите купуваат зачини, традиционална облека и сувенири.
Во исто време луксузните трговски центри и современите облакодери го прикажуваат модерното лице на градот.
Историски, Кувајт бил познат по трговијата со бисери и рибарството, но со откривањето на нафтените резерви економијата доживеала драматична трансформација, претворајќи го Кувајт во еден од најважните извозници на нафта во светот.
Денес населението на градот претставува мешавина од различни националности, со голем процент странски државјани.
Исламот е доминантна религија, а традиционалните вредности и обичаи сè уште се негуваат и покрај модерниот начин на живот.
Меѓу најпознатите знаменитости се кулите Кувајт – симбол на модерната архитектура на земјата, како и куќата Ал-Саду, која ја прикажува уметноста на традиционалното ткаење и културното наследство на Кувајт.
Исто така, еден од најпознатите верски и архитектонски симболи е Големата џамија на Кувајт (Grand Mosque of Kuwait) – најголема џамија во земјата, позната по величествената купола и исламските украси.