АНКАРА (АА)
- Етем Емре ОЗЏАН/Мехмет АЛАЏА
За време на владеењето на соборениот режим на Баас во Сирија илјадници луѓе, освен во затворот „Седнаја“, биле измачувани и во десетици други центри, јавува Анадолу.
Од почетокот на народното востание во Сирија во март 2011 година, според пронајдените записи, соборениот режим на Баас мачел и убил илјадници луѓе.
Сепак, се стравува дека има голем број нерегистрирани случаи.
Поради ова се претпоставува дека биле измачувани десетици илјади луѓе.
Според Сириската мрежа за човекови права (СНХР), соборените режимски сили привеле најмалку 1,2 милиони Сиријци за време на граѓанската војна и ги подложиле на различни тортури.
Режимот објави повеќе од 20 таканаречени одлуки за амнестија за време на граѓанската војна, но, според меѓународните организации за човекови права, режимот продолжил да затвора Сиријци.
Во голем број меѓународни извештаи се нагласува дека режимот ги измачувал луѓето што ги приведувал. Во нив се истакнува дека безбедносните единици се претвориле во центри за тортура.
Агенција Анадолу собра информации за центрите за тортура и за методите на режимот на Баас, кој падна по 61 година владеење во Сирија.
Според извештајот што го подготви СНХР ексклузивно за АА, центрите во кои режимот затворал и измачувал неистомисленици биле поделени на цивилни и воени затвори, тајни неофицијални центри за притвор и на крајот центри за притвор и испрашување на безбедносните единици.
Овие центри, повеќе од 50, биле формирани во речиси сите провинции во Сирија.
Прва работа на антирежимските групи во градовите што ги зазедоа беше да ги спасат затворените луѓе, главно опозициски личности.
Имено, беа ослободени затворениците од централниот затвор „Алепо“, централниот затвор „Хама“, централниот затвор „Адра“ во Дамаск, централниот затвор „Хомс“ и од централниот затвор „Сувејда“.
Затворениците во централните затвори во Тартус и Латакија чекаат да бидат пуштени на слобода.
Обвинетите за тероризам биле затворени и во затворите со кои раководело МВР на соборениот режим.
Со години десетици илјади луѓе биле измачувани во затворите поврзани со Министерството за одбрана на соборениот режим на Баас.
Меѓу овие затвори, по тортура се издвојуваат „Седнаја“, „Ал Мазех“ и „Кабун“ во Дамаск, „Балоне“ и „Тедмур“ во Хомс, а за повеќето луѓе што биле затворени таму не е слушнато ништо со години.
Затворениците во „Ал Мазех“ и „Кабун“, исто така, биле спасени откако вооружените групи го соборија режимот.
Затворот „Ал Мазех“, кој се наоѓа на воениот аеродром во регионот на Дамаск, бил управуван од воена разузнавачка единица поврзана со Министерството за одбрана.
Постоеле и центри во кои режимот затворал неистомисленици, но тие биле речиси тајни.
Според СНХР и други организации за човекови права, целта на воспоставените тајни центри за притвор била да се извршат тешки тортури. Оние што биле донесени во таквите центри за тортура немало шанси да избегаат.
Овие центри биле поврзани со 4. чета, со која командувал Махир Асад, брат на соборениот лидер Башар ал Асад.
Некои куќи, вили и стадиони режимот ги претворил во центри за притвор, особено на почетокот на 2012 година.
Се покажало дека логорот „Деир Шмеил“, кој се наоѓа северозападно од Хама, бил еден од тие центри за притвор.
Центрите за притвор и центрите за испрашување на режимските безбедносни единици, исто така, спроведувале тортура.
Безбедносните единици се состоеле од четири главни разузнавачки служби.
Овие единици се состоеле од Воената разузнавачка служба, позната и како Воена безбедност, Службата за политичка безбедност, Општата управа за разузнавање, позната и како Државна безбедност и Управата на воздухопловно разузнавање.
Воената разузнавачка служба, која била со најголема мрежа во земјата, имала најмалку 20 оддели за притвор.
Службата за политичка безбедност имала оддели во повеќето провинции, во Дамаск постоеле ограноци за истраги, информации, партии, Арапи и странци.
Управата на Генералното разузнавање поседувало шест главни бази во Дамаск.
Овие единици биле под капа на Сириското биро за национална безбедност, формирано во 2012 година. Воената разузнавачка служба на режимот, поврзана со Министерството за одбрана, била главна сила одговорна за приведувањата во земјата.
Луѓето затворени во овие центри, кои во основа се користеле како центри за притвор и измачување, по неколкудневно заточеништво биле пренесувани во главниот центар во Дамаск.
Оние што биле пренесени во Дамаск можело да останат таму со години. Безбедносните единици имале повеќе од 45 оддели за притвор низ целата земја, а 18 од нив се наоѓале во Дамаск.
Според извештајот на СНХР, режимот на Баат користел 72 различни вида тортура, вклучително физичко, психичко и сексуално насилство.
Режимот, исто така, имал практики со кои се прекршувале човековите права, како што е работа под присила и оставање на затворениците сами во ќелиите.
Во практиките на физичко мачење на режимот имало полевање со врела вода на различни делови од телото на жртвата, задушување со потопување на главата на жртвата во вода, струен удар со електрична палка по телото на жртвата, гаснење цигара по телото, палење на косата и ушите...
Се користеле и нехумани методи како палење. Во методите на режимските сили имало и вадење нокти, корнење коса, откинување екстремитети, вклучително уши и гениталии, забивање клинци во чувствителни делови од телото, како што се рацете, јазикот и носот.
Затворот „Седнаја“, се смета дека во него има десетици илјади луѓе, е познат како најозлогласен затвор во Сирија.
По настаните во Сирија во март 2011 година овој затвор бил направен база во која биле измачувани десетици илјади луѓе, главно политички затвореници.
По падот на 61-годишниот режим на Баас на 8 декември сите очи се свртени кон состојбата на затворениците во затворот „Седнаја“ во Дамаск.
Некои од затворениците во зградата биле видени преку безбедносните камери, но не можело да бидат пронајдени на пристапните места, со што се зголемува можноста да се наоѓаат на тајни подрачја под земја.
Екипите продолжуваат да отвораат тунели и да уриваат ѕидови, а Сиријците кои со години не слушнале ништо за своите најблиски доаѓаат во затворот што е синоним за тортура и бараат траги од нив.
news_share_descriptionsubscription_contact
