Ahmet Karaahmet, Mehmet Burak Karacaoğlu
20 Август 2021•Ажурирај: 21 Август 2021
ИДЛИБ (АА) - Четири деца го загубија животот, а двајца цивили се повредени во нападот на режимот на Башар ал Асад и терористичките групи поддржани од Иран врз селото Кенсафра кое се наоѓа во границите на деескалациската зона во Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Режимските сили, составени од Армијата на режимот и странски терористички групи поддржани од Иран, стационирани во селото Бискле, на југот од Идлиб, го нападнаа селото Кенсафра.
Според информациите добиени од извори на Цивилната одбрана, како резултат на нападот врз селото Кенсафра во регионот Џебел Завије, животот го загубија четири деца, а двајца цивили кои се повредени се пренесени во блиските болници.
- Ситуацијата во Идлиб -
Со посредство на Турција, Русија и Иран, за време на мајските преговори во 2017 година во Астана, Идлиб беше прогласен за една од четирите зони на деескалација.
Силите лојални на режимот на Асад го прекршија договорот и зазедоа три зони, а во Сочи на 17 септември 2018 година беше постигнат дополнителен договор за примирје во Идлиб и за воспоставување деескалациска зона.
Турција во септември 2018 година во Сочи заедно со Русија се договори за зајакнување на Договорот за прекин на огнот.
Русија и режимските сили започнаа операции за заземање на целиот регион во мај 2019 година и зазедоа неколку големи населби во деескалациската зона во Идлиб.
Конечно, во Москва на 5 март 2020 година беше постигнат нов договор меѓу Турција и Русија.
Примирјето, што режимските сили повремено го кршеа, во голема мера се применува.
Во периодот 2017 - 2020 година, речиси 2 милиони цивили беа принудени да мигрираат во регионите близу до границата со Турција поради нападите на режимските сили и Русија.