ДАМАСК (АА) - ЕНЕС ЏАНЛИ -
Припадниците на Армијата и безбедносните структури на соборениот режим на Башар ал Асад масовно се одзваа во центрите за идентификација и помирување, што привремената администрација на Сирија ги формираше за да ги регистрира и разоружа припадниците на поранешниот режим, јавува Анадолу.
Сириската привремена администрација ја воведе оваа практика откако на 8 декември беше соборен режимот на партијата Баас, кој владееше со Сирија повеќе од шест децении.
Еден од најголемите центри каде што новата администрација спроведува евиденција и разоружување е воениот комплекс во регионот Мазех во Дамаск.
Припадниците на поранешните режимски сили чекаат во долги редици пред железната порта, а во комплексот влегуваат по прозивка и на тој начин што прво го спуштаат оружјето, а потоа влегуваат во комплексот газејќи голем постер со ликот на Башар ал Асад.

Претставниците на новата сириска администрација ги евидентираат овие луѓе, ги бележат нивните лични податоци и должностите што ги извршувале во рамките на соборениот режим и им издаваат привремени документи и сертификати со кои можат слободно да патуваат во Сирија.
- Масовен одзив во Дамаск -
Велид Абдурабу, службеник на новата сириска администрација задолжен за центрите за идентификација и помирување под покровителство на Министерството за внатрешни работи, за новинарот на АА изјави дека центрите се користат за евидентирање и разоружување на војниците, полицајците и сите службеници на безбедносната бирократија на режимот.
Тој додаде дека таму се евидентираат и припадниците на Шебих, паравоена формација која дејствуваше под закрила на режимот на Асад.

„Сите доаѓаат овде, го предаваат оружјето и им даваме привремена потврда за три месеци. Можат да ја користат како лична карта во тој период“, објасни Абдурабу.
Посочувајќи дека секој ден во центрите во Дамаск се евидентираат меѓу 1.200 и 1.500 елементи на поранешниот режим, Абдурабу рече дека овие луѓе можат да се вратат во нормален живот доколку не учествувале во воени злосторства против својот народ.

„Сакаме да свртиме нова страница и да изградиме нова Сирија. Апелирам до сите нејзини елементи да се пријават во овие центри и да ја искористат оваа можност. Нема да дозволиме да продолжат илегално да поседуваат оружје и да бидат закана за својот народ“, рече Абдурабу.
- Незадоволни војници и полицајци -
Војниците и полицајците на соборениот режим на Асад сведочат дека добивале мали плати кои не можеле да им обезбедат нормален живот на нивните семејства.
Ибрахим Диб (42), 23 години работел како полицаец на режимот на Асад, а за АА изјави дека се пријавил во Центарот за евиденција и помирување со цел да ја поддржи иницијативата за закрепнување по падот на режимот, за кој рече дека бил „екстремен“.
„Не можевме да се жалиме и да пружиме отпор во рамките на режимот. Постоеше секташки поредок. Само одредена група можеше да се издигне. Јас лично ништо не постигнав во последните 23 години служба. Сè уште живеам под кирија. Ние бевме најслабата алка. Сите знаат дека Министерството за внатрешни работи беше најдолниот слој, освен неколкумина на врвот кои имаа привилегии“, рече Диб.
- „Сиријците ќе ја обноват својата земја“ -
Али Аси од Латакија служел во Армијата на режимот на Асад, а откако го предаде оружјето истакна дека „револуцијата е успех на сирискиот народ“, со што заврши угнетувањето и сиромаштијата.
„Сиријците ќе ја обноват својата земја. На Сирија ѝ требаше нова ера на економија и живот. Сирискиот народ не живееше, живи беа само водачите на режимот и нивната околина“, рече Аси.
Нагласувајќи дека не се плаши од иднината, Аси рече дека треба да се спречат оние кои сееле раздор меѓу сирискиот народ, додавајќи дека раздорот е поопасен од смртта.

„Доаѓањето на сириската опозиција во Дамаск е победа. Ја предадов пушката. Со нас се однесуваа добро и хумано. Промените се видливи, не може да се спореди со минатото. Тие даваат сè од себе да помогнат“, рече Аси.
- Војниците и полицијата тврдат дека биле под притисок -
Неименуван офицер за АА изјави дека тој бил задолжен за финансиските работи во Армијата на режимот на Асад и дека бил жртва на голем притисок откако неговите двајца браќа им се приклучиле на опозициските сили.

Тој тврди дека веќе е разоружан и дека имал намера да ја напушти војската, но не го сторил тоа од страв дека неговиот најмлад брат и целото семејство ќе бидат испратени во центрите за тортура на Асад.
Нагласувајќи дека припадниците на Армијата и полицијата земаат мали плати и дека се сиромашен сегмент од општеството, овој офицер рече дека мора да работи на пазар за да му ги задоволи на семејството основните животни потреби.
news_share_descriptionsubscription_contact
