Ekip
17 Јули 2022•Ажурирај: 21 Јули 2022
РАМАЛА (АА) - Тројца Палестинци се ранети денес од истрели на израелските војници на окупираниот Западен Брег, наведуваат локалните медиуми, известува Агенција Анадолија (АА).
„Лицата се ранети во судирите меѓу Палестинците и израелските сили во текот на рацијата во градот Тубас, во северниот дел на Западниот Брег“, информираа од Палестинското друштво на Црвената полумесечина.
Ранетите веднаш се префрлени во турската болница во Тубас за да им се укаже лекарска помош.
Израелската страна не ги коментираше овие наводи.
Израелската Војска често спроведува опсежни кампањи за приведувања низ окупираниот Западен Брег и Источен Кудс (Ерусалим), под изговор дека трага за „барани“ Палестинци.
Според неодамнешниот извештај на ОН, околу 60 Палестинци се убиени, а 6.000 се ранети од истрели на израелската Војска оваа година.
Извештајот покажа дека израелската Војска извршила 1.600 напади на палестинските подрачја од почетокот на годината досега.