Burç Eruygur
01 Декември 2022•Ажурирај: 02 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, смета дека би било подобро Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) да продолжи со своите активности без учество на Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сè е испробано со Русија: да се угоди, да се смири, да се биде фин, да се биде неутрален, да се ангажира, да не се кажуваат работите како што вистински се. Заклучок: би било подобро ОБСЕ да продолжи без Русија“, напиша Дмитро Кулеба на Твитер денеска по почетокот на Министерскиот совет на ОБСЕ во полскиот град Лоџ.
Кулеба изрази несогласување и со темата на состанокот - „ОБСЕ на крстопат“, посочувајќи дека наместо тоа, организацијата е „на автопатот кон пеколот“.
„ОБСЕ е на пат кон пеколот бидејќи Русија ги злоупотребува своите правила и принципи, и покрај извонредните напори на претседавачот, генералниот секретар и институциите на ОБСЕ да го одржат на површина“, рече Кулеба.
Состанокот на ОБСЕ се одржува за првпат без Русија, откако полските власти одбија да му дадат виза на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров и неговата делегација откако на 15 ноември падна ракета во Полска, при што загинаа 2 лица.