Şahin Demir
02 Септември 2026•Ажурирано: 02 Септември 2026
Четворица припадници на Воздухопловните сили на Иранската исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) се меѓу седумтемина загинати во американските напади во западен и јужен Иран, соопштија иранските власти денес, јавува Анадолу.
Четворица припадници на Воздухопловните сили на ИРГЦ загинале во американски напад во западната провинција Керманшах, соопшти покраинскиот огранок на ИРГЦ во соопштение.
Одделно, тројца припадници на иранските паравоени сили Басиж, поврзани со ИРГЦ, загинале во американски напад извршен во текот на ноќта врз островот Лаван во јужната провинција Хормозган, објавија иранските медиуми.
Абдолкарим Поуладифар, заменик-командант на единицата Сајед ал-Шохада на ИРГЦ во округот Дејр, изјави дека тројцата се идентификувани како Мехди Бахрани, Хосеин Салехнеџад и Хасан Момени, објави новинската агенција Мехр.
Поуладифар рече дека во нападот биле повредени и неколку други припадници од Дејр.
Островот Лаван, кој се наоѓа во провинцијата Хормозган, во близина на јужниот брег на Иран, е дом на нафтени и енергетски капацитети.
Жртвите се регистрирани во услови на американски напади врз повеќе локации во Иран. Во американските ракетни напади во јужната провинција Хузестан вчера загинале седум лица, а осум биле повредени, според иранските власти.
Одделно, четири лица, меѓу кои и четиригодишно дете, загинале, а 68 биле повредени во американски ракетен напад врз свадбена прослава во Сирик, во провинцијата Хормозган, според иранските власти.