Ceyhun Alizade
21 Септември 2022•Ажурирај: 22 Септември 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот Владимир Путин денес прогласи делумна мобилизација во Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според декретот објавен на веб-страницата на Кремљ, со делумната воена мобилизација опфатени се руските државјани од 18 до 50-годишна возраст. Ним ќе им се плаќа како на воен персонал ангажиран со договор, и ќе имаат ист статус.
Договорите на професионалниот воен персонал автоматски се продолжуваат до крајот на траењето на мобилизацијата.
Лицата кои работат во одбранбените компании кои произведуваат оружје се ослободени од регрутирање.
Мобилизацијата се спроведува со цел контрола на „веќе ослободените територии“, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Тој истакна дека за делумна мобилизација ќе бидат повикани околу 300.000 резервисти.
По обуката, ќе бидат повикани резервистите кои веќе имаат завршено воена служба. Ним, како и на волонтерите од Донбас, ќе им бидат дадени исти гаранции како и на персоналот со договор.
Според декретот, руската Влада ќе ги финансира активностите на делумната мобилизација и ќе ги преземе неопходните мерки за задоволување на потребите на руската Армија.
Регионалните гувернери добија наредби за обезбедување регрутација за воена служба во обем и рокови одредени од Министерството за одбрана за секоја територија.
Најавата за мобилизација дојде еден ден откако украинските региони Доњецк, Лугањск, Керсон и Запорожје најавија референдуми од 23 до 27 септември за припојување кон Русија, која е во војна со Украина веќе седум месеци.