Doğa Kırmızıoğlu
07 Јули 2022•Ажурирај: 08 Јули 2022
АНКАРА (АА) – По победите над своите ривали на Вимблдон, третиот гренд слем тениски турнир сезоната, Рафаел Надал и Ник Кириос изборија пласман во полуфиналето на ова натпреварување во поединечна конкуренција, известува Агенција Анадолија (АА).
На 10. ден од тенискиот турнир кој се игра во Лондон, вчера се одиграа преостанатите два дуела од четвртфиналето во машка поединечна конкуренција.
Шпанецот Рафаел Надал, вториот носител на турнирот, кој во својата кариера има освоено 22 гренд слем титули, играше против Американецот Тејлор Фриц, за кого пласманот во четвртфиналето е негов најдобар пласман на еден гренд слем турнир.
Иако Фриц на двапати водеше на овој натпревар, Надал успеа да се врати и по 4 часа и 21 минута извојува победа од 3:2 (по сетови 3:6, 7:5, 3:6, 7:5, 7:6 [10:4 во тај-брејк] ) и пласман во полуфиналето на Вимблдон.
– Кириос не се намачи
Австралијанецот Ник Кириос кој по вторпат игра во четвртфиналето на Вимблдон, за противник го имаше Чилеанецот Кристијан Гарин, за кого пласманот во четврфиналето на овој турнир е негов најдобар пласман на еден гренд слем турнир во кариерата.
Кириос лесно со 3:0 (по сетови 6:4, 6:3 и 7:6 [7-5 во тај-брејк] ) го совлада Гарин и избори пласман во полуфиналето на Вимблдон, каде за противник ќе го има Надал.
– Денеска на програмата се полуфиналните дуели во женска поединечна конкуренција
Денеска на програмата се натпреварите од полуфиналето во женска поединечна конкуренција.
Во првиот полуфинален дуел се среќаваат Тунижанката Унс Џабир и Германката Татjaна Маријa, а во вториот дуел се среќаваат Јелена Рибакина од Казахстан и Романката Симона Халеп.