Seyit Şamil Kurt, Merve Berker
02 Септември 2026•Ажурирано: 02 Септември 2026
Перспективата на Турција да стане членка на Шангајската организација за соработка (ШОС) „никогаш не значи вртење грб на Западот“, изјави претседателот Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
Во разговорот со новинарите во претседателскиот авион, на враќање од Самитот на шефовите на држави членки на ШОС во Бишкек, Киргистан, на кој присуствуваше на покана на киргистанскиот претседател Садир Жапаров, Ердоган рече дека Анкара се стреми да води сеопфатна надворешна политика.
„Наша цел е да го зголемиме сопственото значење со 360-степена визија“, рече тој.
Во врска со војната меѓу Русија и Украина, Ердоган рече дека и тој и рускиот претседател Владимир Путин сакаат конфликтот да заврши со мир колку што е можно поскоро.
Ердоган, исто така, ја нагласи важноста на безбедноста на цивилниот поморски транспорт во Црното Море, велејќи дека борбите не смее да достигнат точка што ја загрозува безбедноста на цивилите и комерцијалната активност.
Ердоган предупреди дека кризата со житото повторно се појавува, особено во Африка, и рече дека би било корисно да се преземе иницијатива пред проблемот да расте понатаму.
- Програмата за Ф-35 и турскиот борбен авион КААН -
Осврнувајќи се на прашањата од одбраната, Ердоган рече дека Турција продолжува со разговорите за повторно приклучување кон програмата за борбените авиони Ф-35.
„Ги продолжуваме разговорите за повторно вклучување на Турција во програмата. Откако ќе завршат процесите во САД, ова прашање ќе биде зад нас“, рече тој.
Во исто време Ердоган нагласи дека Турција ќе продолжи да ги развива своите одбранбени капацитети.
„Не се откажуваме од КААН ниту од развојот на сопствени системи за противвоздушна одбрана. Ги зголемуваме опциите на Турција. Ова е Мапата на патот на силна Турција“, рече тој.
Во врска со Меканскиот одбранбен сојуз Ердоган рече дека тој пакт е склучен за унапредување на стабилноста и безбедноста во регионот.
„Ќе продолжиме по нашиот пат заедно со нашите браќа, станувајќи посилни“, додаде тој.
- „Грција мора да го смени погрешниот пат“ -
Ердоган, исто така, ја повика Грција да го смени „погрешниот пат“ и да престане да носи оружје на островите со демилитаризиран статус.
„Историјата е многу добар водич за оние што земаат лекции од неа“, рече тој.
„Сега Грција мора да го разбере ова: Турција нема никакви територијални претензии за ничија територија, но нема да дозволи никому да ги крши нејзините права“, додаде Ердоган.
- Процесот „Турција без тероризам“ -
Во врска со иницијативата „Турција без тероризам“, Ердоган рече дека Анкара го гледа процесот како прашање на постигнување на своите цели, а не само како почитување на временска рамка.
„Секако, како држава, имаме наш план, Мапа на патот и распоред“, рече тој.
Осврнувајќи се на рамковната легислатива поврзано со процесот, Ердоган рече дека неговото спроведување бара од ПКК да го положи оружјето и да се распушти.
„Јасно е како ќе се донесуваат одлуките и проверките. Процесот се движи напред чекор по чекор“, рече тој.
Ердоган истакна дека Турција нема да толерира пристапи што му наштетуваат на чувството за братство на нацијата или ризикуваат повторно активирање на линиите на поделба создадени од тероризмот во минатото.
„Ќе го зајакнеме домашниот фронт. Со нашите разлики ќе се обединиме околу заедничкиот именител на Турција. Ова го нарекуваме Голем турски консензус. Одиме напред знаејќи што правиме“, додаде тој.
- Сирија и распуштањето на СДФ -
Во врска со Сирија, Ердоган рече дека Турција сака земјата да биде обединета со сите нејзини компоненти, нагласувајќи дека таквото единство е важно за одржлив развој и градење капацитети.
Осврнувајќи се на распуштањето на СДФ, Ердоган рече дека верува оти таков чекор би „отворил врата кон нова ера за целиот регион“.
„Поглавјето на тероризмот сега мора да се затвори. Ерата на оружјето и насилството сега мора да заврши“, рече тој.