Zehra Aydın Turapoğlu
05 Октомври 2022•Ажурирај: 06 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека турската Влада ги решила проблемите со кои се соочуваат жените кои носат хиџаб, а кои некогаш достигнале ниво на угнетување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во своето обраќање пред Клубот на пратеници на владејачката Партија на правдата и развојот (АК Партија) во Големото национално собрание на Туркије, Ердоган рече дека турскиот народ се сеќава на пратениците кои од парламентарните говорници некогаш им држеле „лекции“ на жените кои со хиџаб влегувале во институциите.
„Постои ли сега таков проблем во нашата земја за сите наши сестри, од судијки до академици, од функционерки до полицајки, кои моментално работат во јавниот или приватниот сектор? Не, не постои. Фала му на Бога, денес во Туркије носењето хиџаб не е проблем поради борбата и поради трудот што го вложивме“, нагласи Ердоган.
Турскиот претседател рече дека и облекувањето воопшто, а особено прашањето за хиџабот, не треба да биде предмет ниту на законот ниту на Уставот, бидејќи тоа е основно право.
Ердоган ја повика турската опозиција конструктивно да го поддржи усвојувањето на новиот Устав на Туркије и да го запечати решението за прашањето за жените кои носат хиџаб.