Mustafa Hatipoğlu
25 Ноември 2023•Ажурирај: 27 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дека како држава, Туркије ја има направено борбата против насилството врз жените за своја основна политика, јавува Анадолу.
Ердоган, на собирот во Истанбул по повод Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, рече дека Туркије со низа пригодни содржини го одбележува овој датум кој Обединетите нации го прогласија пред 24 години.
Наведувајќи дека целта на Туркије е да ја подигне свеста на секој граѓанин за насилството врз жените во нивните животи во општеството, Ердоган нагласи дека Туркије во овој поглед има достигнато напредно ниво.
Ердоган нагласи дека жените во Туркије се свесни и ја знаат вистината, и покрај фактот што постојат одредени кругови кои сакаат да го засенат овој успех со смислени кампањи кои се спроведуваат преку медиумите и социјалните мрежи.
„Ние како држава ја поставивме борбата против насилството врз жените како наша основна политика. За таа цел во 2011 година го формиравме нашето Министерство за семејство и социјални услуги. Покажавме дека стоиме покрај жените“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека семејството е темел на општеството, Ердоган рече дека без семејство, постоењето на човечкото суштество како индивидуа не би било целосно.
„Сите сме свесни дека нападите врз семејството како институција немаат никаква врска со одбраната на правата на жените. Борбата против насилството врз жените ја гледаме како составен дел од нашата борба за величање и зајакнување на семејството“, рече Ердоган, додавајќи дека стабилното и здраво семејство претставува бедем на борбата против насилството врз жените.
Турскиот претседател истакна дека целта е визијата на „Столетието на Туркије“ на крајот да биде визија за „столетие на жените“.
„Веруваме дека новоформираниот Координативен одбор за борба против насилството врз жените ќе спроведува активности достојни за нашата визија за Столетието на Туркије“, заклучи Ердоган.