Kemal Karadağ
11 Ноември 2019•Ажурирај: 16 Ноември 2019
АНКАРА
Турското правосудство заврши вкупно 270 судски процеси и на затворски казни осуди 3.838 обвинети за учество во обидот за воен удар кој терористичката организација ФЕТО го изврши на 15 јули 2016 година во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Турските обвинителства во изминатиот период спроведоа над 100.000 истраги против виновниците за обидот за јулски пуч, членови на терористичката организација ФЕТО.
Врз основа на спроведените истраги подигнати се вкупно 289 обвиненија, од кои 270 добија епилог.

Во завршените судења, затворски казни се изречени за 3.838 обвинети, а меѓу нив 2.327 се обвинети на доживотен затвор и 1.103 се осудени на различни затворски казни во траење од 14 месеци до 20 години.
Повеќекратни доживотни затворски казни се изречени за 1.224 осудени лица, вклучувајќи и 17 обвинети на кои им е изречена по 141 доживотна затворска казна.
Меѓу осудените на заострени, односно повеќекратни доживотни затворски казни, се 71 поранешен генерал, 829 поранешни офицери, 173 поранешни подофицери, 50 поранешни наредници и четворица поранешни полицајци.
Во тек се уште 19 судења против виновниците за обидот за пуч, од кои три постапки се водат во Истанбул, девет во Анкара и седум во други турски градови.