Esra Tekin
21 Септември 2026•Ажурирано: 21 Септември 2026
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пристигна во Њујорк за да присуствува на 81-та сесија од Неделата на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), јавува Анадолу.
На меѓународниот аеродром „Џон Ф. Кенеди“, Ердоган беше пречекан од амбасадорот на Турција во ОН, Ахмет Јилдиз, амбасадорот во Вашингтон, Седат Онал, генералниот конзул во Њујорк, Мухитин Ахмет Јазал, како и од други официјални лица.
Се очекува Ердоган да го одржи својот годишен говор во ОН во вторник, на денот на отворањето на Неделата на високо ниво, кога светските лидери ќе се обратат од говорницата на ОН.
Ова обраќање ќе биде негов 16-ти говор пред Генералното собрание.
Се очекува главниот фокус на неговиот говор да биде на дејствијата на Израел во Газа, потребата за признавање на Палестина како држава и потенцијалните меѓународни мерки против Израел.
Ердоган ќе го сврти вниманието кон хуманитарната криза во Газа и ќе ги повика земјите членки на ОН да заземат став против континуираните напади на Израел врз палестинскиот народ, како и врз земјите во регионот.
Во текот на неделата, тој исто така треба да одржи средби со бројни шефови на држави и влади, како и да се обрати на Климатскиот самит организиран од генералниот секретар на ОН, кој ќе се одржи во среда.
Турција во ноември ќе биде домаќин на годишниот Самит на ОН за климатски промени, познат како COP31, во медитеранскиот град Анталија.
Ердоган кон Њујорк тргна утрово од истанбулскиот Аеродром „Ататурк“ со претседателскиот авион. Во негова придружба беа првата дама Емине Ердоган и високи функционери, меѓу кои министерот за надворешни работи Хакан Фидан, министерот за правда Акин Ѓурлек, министерот за трезор и финансии Мехмет Шимшек, шефот на разузнавањето Ибрахим Калин и директорот за комуникации Бурханетин Дуран.