Sefa Şahin
03 Септември 2022•Ажурирај: 05 Септември 2022
БАДИН (АА) - Министерот за внатрешни работи на Туркије, Сулејман Сојлу, и министерот за животна средина, урбанизам и климатски промени, Мурат Курум, денес ги посетија поплавените подрачја во Пакистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
По посетата на подрачјата погодени од поплавите во последните неколку дена, министрите Сојлу и Курум зборуваа на прес-конференција во областа Бадин.
Министерот Сојлу рече дека се тажни поради глетката на која наишле во регионот, напоменувајќи дека голем дел од покраините Пенџаб, Карачи, Белуџистан и Синд останале под вода.
Тој потсети дека се оштетени приближно еден милион куќи, угинале над 700.000 животни, а од поплавите во Пакистан се погодени 40-50 милиони луѓе.
„Поплавени се илјадници километри патишта и десетици илјади квадратни километри земја. Денеска видовме дека луѓето мораа да спијат покрај патот бидејќи не можеа да најдат суво место. Сите сме погодени од оваа слика, таму има многу деца, стари луѓе“, рече Сојлу, додавајќи:
„Досега имаме испорачано 10.000 шатори. Се обидуваме да набавиме уште 10.000 шатори.“
Наведувајќи дека во регионот се доставени шатори, храна, медицински материјали, храна за бебиња, хигиенски материјали и чамци, Сојлу додаде: „Сето ова се испраќа постепено, но она што го видовме денес покажува дека мораме да реагираме уште побрзо. Постои голем очај меѓу населението. Цел Пакистан е мобилизиран.“
Истакна дека Туркије моментално, освен во Пакистан, спроведува активности за пружање помош на луѓето кои имаат потреба во Либан, Авганистан, Јемен, Палестина и Бангладеш.
Министерот Курум изјави и дека катастрофата од поплавите во Пакистан јасно ги покажува климатските промени.
Потсети дека Пакистан го погодила катастрофа во која има наврнато 600-700 литри дожд на метар квадратен.
„Кога ќе ги погледнете ефектите, луѓето не се во состојба да ја утврдат штетата на своите домови бидејќи не можат да дојдат до своите домови“, рече Курум.
Подвлече дека приоритет во рамките на помошта во регионот е задоволување на потребите за сместување и храна. Во врска со тоа, тој рече дека Управата за верски прашања на Туркије започнала кампања за помош на народот на Пакистан погоден од поплавите и дека ќе биде поддржана од голем број турски институции.
„Овде се оштетени повеќе од милион куќи. По привременото сместување, потребна е трајна изградба“, подвлече Курум.