Tanju Özkaya
23 Април 2020•Ажурирај: 24 Април 2020
АНКАРА
Во Турција денеска се одбележува националниот празник Ден на националниот суверенитет и Ден на детето, а воедно и јубилејната 100-годишнина од основањето на турскиот Парламент, односно Големото народно собрание на Република Турција (TBMM), јавува Агенција Анадолија (АА).
Еден од најголемите национални празници во Турција традиционално се одбележуваше со голем број манифестации на кои учествуваа деца од целиот свет. Меѓутоа, овогодишното одбележување на празникот се случува во екот на пандемијата на Ковид-19, па нема да има масовни собири како претходните години.
Претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, ја предводеше државната делегација на церемонијата на положување цвеќе во комплексот „Аниткабир“, мавзолејот на основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк.
На церемонијата присуствуваа и потпретседателот на Турција, Фуат Октај, претседателот на опозициската Републиканска народна партија (ЏХП), Кемал Киличдароглу, претседателот на Партијата на национално движење (МХП), Девлет Бахчели, челничката на партијата ИЈИ, Мерал Аксенер и други официјални претставници.
Централната церемонија по повод 23 април е приспособена на условите на борбата против пандемијата Ковид-19, па делегацијата во комплексот „Аниткабир“ не беше масовна како што тоа беше случај претходните години.
Меѓутоа, ниту превентивните мерки воведени со цел спречување на ширењето на Ковид-19 не го загрозија празничниот дух низ Турција, па граѓаните своите прозорци и балкони масовно ги украсија со турски знамиња.
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, синоќа упати порака по повод 100-годишнината од основањето на Големото народно собрание на Република Турција, велејќи дека тоа засекогаш ќе биде потврда на националната волја.
„Големото народно собрание на Турција (TBMM), кое претставува симбол на нашата славна историја, како што беше и во изминатите 100 години, засекогаш ќе биде потврда на националната волја“, порача Ердоган.
Тој нагласи дека Турција и понатаму, во иднина, ќе остварува напредок на рамењата на децата и младите и дека со нивната динамика и ентузијазам ќе ги оствари целите зацртани за 2023 година, односно за 2071 година.
„Духот на 23 април 1920 година, нашата одлучност за независност, нашата вера во единство и заедништво се најголем аманет кој ќе го пренесеме на идните генерации“, порача Ердоган.
Државниот празник Ден на националниот суверенитет и Ден на детето се одбележува на 23 април, на денот кога во 1920 година е отворено Големото народно собрание на Република Турција.
На денешен ден во 1924 година е одлучено дека денот на основањето на Големото народно собрание ќе се одбележува како државен празник. Пет години подоцна, 23 април 1929 година како празник е подарен и на децата. Од 1929 година се одбележува како Ден на националниот суверенитет и воедно како Ден на детето.