АНКАРА (АА) - Шефот на Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Република Туркије, Фахретин Алтун, рече дека земјата ја слави стогодишнината од основањето на Републиката и дека под водство на нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган нуди решенија таму каде што Обединетите нации (ОН) не успеваат, пренесува Анадолу.
Професорот Алтун во колумната за шпанската медиумска куќа „Аталајар“ изјави дека Република Туркије е основана пред сто години како резултат на војната за независност што е добиена со одлучноста и посветеноста на нацијата.
„Фактот дека Република Туркије преживеа со единство и солидарност во област каде што нестабилноста и конфликтот беа акутно почувствувани во текот на минатиот век, ги покажува силата и потенцијалот на земјата. Републиката, преродена од пепелта под водство на Мустафа Кемал Ататурк, стабилно напредува кон своите високи цели, кои вклучуваат развој, заживување и изградба на турската нација и држава во согласност со барањата на модерната ера“, рече Алтун.
Нагласувајќи дека турската цел за модернизација подразбира низа политички, економски и правни промени и трансформации, Алтун изјави дека низ вековите постоела конзистентна волја и желба да се постигнат овие цели и покрај повремените обиди на внатрешни и надворешни интервенции да го попречат процесот.
„Од една страна, подигнато е нивото на демократски и правни институции и стандарди, а од друга страна почнати се иницијативи за економски и социјален развој. Механизмите за туторство, кои повремено се појавуваат како пречка за целосно изразување на суверенитетот на нацијата, исто така, се надминати од страна на луѓето што ја бранеа својата волја и на гласачките кутии и на улица“, рече Алтун.
Понатаму тој истакна дека одговорите на обидите за узурпирање на волјата на народот на изборите и ставот на народот против обидот за воен удар на 15 јули 2016 година се најважни показатели за волјата на народот.
„Потпирање на волјата на народот е неопходен, но не и доволен услов за воспоставување модерна република. Исто така, Туркије мора да биде во чекор со времето во однос на економските, правните и демократските стандарди. Фер, транспарентни избори, одржани со огромниот одѕив на гласачите и под надзор на високи судии, се клучен показател за демократскиот стандард на Туркије“, објасни Алтун.
Нагласувајќи дека демократското учество и почитувањето на волјата на гласачите станаа длабоко вкоренети во Туркије со текот на времето, Алтун изјави дека во вториот век од постоењето, неопходно е да се изгради просперитетна Република Туркије, која има завршено инфраструктурни инвестиции.
„Под раководство на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган, инфраструктурните иницијативи на Туркије во последните години се столб на просперитетна Туркије. Најзначаен резултат од инвестициите во инфраструктурата на локално ниво е подобрувањето на социјалната заштита. Од друга страна, благодарение на овие инвестиции, Туркије ќе може да го искористи потенцијалот на својата стратегиска локација“, напиша Алтун.
Шефот на Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Туркије понатаму изјави дека стратешката геополитичка локација на Туркије привлекува зголемен интерес од цел свет.
„Силна Туркије со целосно развиена инфраструктура ќе има зголемено влијание во нејзиниот регион. Со напредокот постигнат во последните години Туркије е почитувана на меѓународната сцена и успешно ја исполнува својата улога како плејмејкер во регионалните прашања, особено на Блискиот Исток и Кавказ“, изјави тој.
Коментирајќи го израелско-палестинскиот конфликт, Алтун изјави дека Туркије под водство на Ердоган се залага за политички став ориентиран кон решение и го нагласува хуманитарниот аспект на ова прашање.
Тој наведе дека Украина, Карабах и другите регионални прашања јасно покажуваат како Туркије станала водечка земја во својот регион.
„Меѓународните тела, како што е Советот за безбедност на Обединетите нации, се покажаа како неспособни да ги решат глобалните прашања, па дури и ги влошија. Јасно е дека меѓународните организации мора да се формираат во светлината на новиот век и новата ера, земајќи предвид нови рамнотежи“, порача Алтун.
Тој додаде дека Туркије се подготвува за нова повеќедимензионална и повеќеактерска меѓународна конјуктура во согласност со мотото на турскиот претседател кое гласи „Светот е поголем од пет“.
„Со цел да ги реши глобалните и регионалните проблеми, Туркије ефективно користи хуманитарни и дипломатски канали, како и современи инструменти за меѓудржавна интеракција, како што е јавната дипломатија“, заклучи Алтун.
news_share_descriptionsubscription_contact
