Fatjon Cuka
17 Мај 2020•Ажурирано: 18 Мај 2020
ТИРАНА
Денес започна рушењето на зградата на Народниот театар на Албанија која се наоѓа во Тирана, при што настанаа и тензии, јавува Агенција Анадолија (АА).
По одлуката на Општинскиот совет на Тирана, денес продолжи рушењето на зградата на овој театар, при што настана судир меѓу полицијата и некои уметници, граѓани и активисти од невладиниот сектор кои беа против рушењето на зградата.
Пред и по операцијата за рушење, присутни беа и пратеници од Парламентот на Албанија, претставници на опозициските партии како Демократска партија на Албанија, Партија на социјалистичко движење за интеграција и други партии, како и граѓани кои постојано се спротивставуваа на рушењето на зградата на театарот.
По судирите, полициските сили приведоа неколкумина кои се обидоа да го пробијат полицискиот кордон.
Инаку, некои уметници и активисти од невладиниот сектор веќе две години постојано протестираат против планот на Општина Тирана за изградба на нов театар на место на зградата која со децении служела за театар.
Општина Тирана соопшти дека во наредните денови ќе го презентира проектот за изградба на новата зграда на Народниот театар.
Од друга страна, претседателот на Албанија, Илир Мета, пред неколку дена до Уставниот суд упати барање за укинување на одлуката на Советот на министрите за пренесување на сопственоста на имотот со име Народен театар на Општина Тирана, нагласувајќи дека тоа не е во согласност со Уставот.
Мета исто така реагираше и на социјалните мрежи, истакнувајќи дека ова е „уставно, законско и морално непростливо кривично дело."
Зградата на Народниот театар беше изградена во 1941 година како комплексен културен центар.