Firdevs Bulut Kartal
10 Септември 2026•Ажурирано: 10 Септември 2026
Турската компанија ХАВЕЛСАН и египетската Арапска организација за индустријализација (АОИ) потпишаа договор за почеток на продажбата на беспилотното летало ХАМЗА-1, развиено со нивна заедничка соработка, јавува Анадолу.
Договорот беше финализиран на Меѓународниот аеромитинг во Ел Аламеин годинава, што претставува нова пресвртница во соработката меѓу двете компании.
Овој договор е склучен по спогодбата за соработка потпишана во август 2025 година, со која се утврди рамката за производство на беспилотни летала со можност за вертикално полетување и слетување во Египет.
При изработката на платформата ХАМЗА-1 беа комбинирани експертизата на ХАВЕЛСАН во областа на инженерството на автономни системи и египетската производствена инфраструктура на АОИ.
ХАВЕЛСАН се потпре на своето технолошко искуство стекнато преку развојот на сопствените домашни платформи за беспилотни летала, како моделите Баха, Бозбеј, Појраз и Булут.
Првичниот прототип на ХАМЗА-1 беше претставен на саемот за одбранбена индустрија ЕДЕКС во Каиро кон крајот на минатата година.
Партнерите очекуваат да започнат со испорака на дронот ХАМЗА-1 до крајните корисници по потпишувањето на овој комерцијален договор.
Успешната комерцијализација на платформата, исто така, ја истакнува растечката соработка во областа на одбраната меѓу Турција и Египет, како и глобалната стратегија на ХАВЕЛСАН за заедничко производство.