Zylfije Adem Jakupi
08 Декември 2021•Ажурирај: 09 Декември 2021
ПРИШТИНА
Министерството за здравство на Косово соопшти дека од утре, 9 декември, започнува примената на бустер и трета доза на вакцина против Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Комитетот за имунизација на населението со вакцина против Ковид-19, на седницата одржана во вторникот, донесе одлука од утре, 9 декември, да почне да се дава бустер и трета доза од вакцината против Ковид-19“, соопштено е од Министерството за здравство на Косово.
Бустер или дополнителна доза се дава на лицата кои примиле две дози вакцина против Ковид-19, но кај оние на кои со времето имунитетот им се намалил. Дополнителната доза се дава шест месеци по земањето втора доза.
Третата доза се дава на лица кои примиле две дози вакцина против Ковид-19, но немаат развиено соодветен имунитет поради слабиот имунитет или болестите кои ги имаат, по препорака на лекар. Третата доза се дава не порано од осум недели и не повеќе од шест месеци по примањето на втората доза. Бустер дозата и трета доза можат да ја земаат сите граѓани постари од 18 години, според временските интервали за горенаведените дози.
За датумите на вакцинација ќе бидат известени по порака, имејл и јавни огласи.
Сметајќи дека вакцинацијата е најефикасниот начин да се ограничи и запре ширењето на вирусот и да се постигне заштита на населението, Министерството за здравство ги повикува граѓаните што порано да ги искористат мобилните центри за вакцинација и тимовите низ Косово за вакцинирање.
Иако Косово првите вакцини ги доби дури на 28 март оваа година, како последна земја во регионот, а масовна вакцинација на постарите од 18 години започна во јуни, од почетокот на вакцинацијата досега се аплицирани 1.630.082 дози вакцини, односно 48,1 процент од населението примило една доза вакцина против Ковид-19. Втората доза ја примиле 767.742 граѓани или 42,8 проценти од населението.