Bojana Stojanovic,Lejla Biogradlija
22 Јуни 2021•Ажурирај: 23 Јуни 2021
БЕЛГРАД (АА) - Италијанскиот министер за надворешни работи, Луиџи ди Мајо, истакна дека поддршката на Брисел за дијалогот Белград - Приштина, што продолжува под медијација на Европската Унија (ЕУ), е историска можност за обете страни, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ди Мајо одржа заедничка прес-конференција со неговиот српски колега Никола Селаковиќ во Белград, главниот град на Србија.
Изразувајќи дека поддршката на Брисел за дијалогот Белград - Приштина е историска можност за обете страни, Ди Мајо рече дека Италија го поддржува продолжувањето на дијалогот.
Тој посочи дека по Белград ќе ја посети Приштина, главниот град на Косово, и нагласи дека Србија треба да го забрза процесот за членство во ЕУ.
Наведувајќи дека Србија има голем потенцијал за успешен напредок во процесот на членство во ЕУ, Ди Мајо рече:
„Тоа е тежок пат за Србија. Политиката на ЕУ за проширување на Западен Балкан е наш стратешки приоритет. Секогаш можете да ја почувствувате поддршката на Италија.“
Посочувајќи дека Србија игра клучна улога во обезбедувањето стабилност и мир во регионот, министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, порача: „Ние сме за изнаоѓање разумно и логично решение во дијалогот Белград - Приштина.“
Италијанскиот министер Ди Мајо се состана со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и со премиерката Ана Брнабиќ како дел од посетата на Белград.
- Дијалог Белград - Приштина
Процесот на дијалогот Белград - Приштина, инициран во 2011 година со посредство на ЕУ, има за цел нормализирање на односите меѓу Србија и Косово, а на крајот и меѓусебно признавање.
Иако Србија сè уште го смета Косово, кое еднострано ја прогласи својата независност во 2008 година, за своја територија, Косово досега е признато како независна држава од над 100 земји.
Процесот на дијалог меѓу Косово и Србија честопати беше прекинуван поради тензии од различни причини.
Страните последен пат се состанаа на 15 јуни во Брисел.