Admir Fazlagic
17 Март 2020•Ажурирај: 18 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче соопшти дека попладнево се дијагностирицирани пет нови случаи со коронавирус (Ковид-19) од кои четворица се здравствени работници од Дебар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Денеска имаме дијагностицирани пет нови случаи од кои четири се здравствени работници од Дебар. Со ова вкупната бројка на заболени во нашата земја изнесува 31. Од петте новозаболени освен чеирите здравствените работници од Дебар, позитивен е тестот и на сопругата на утрово веќе дијагностицираниот пациент којшто тест го потврдивме од болницата „Жан Митрев" и таа ќе биде хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести", истакна Филипче на вечерашната прес-кофнеренција во Владата.
Министерот Филипче информираше дека четворицата здравствени работници се од приватна здравствена установа од Дебар.
Според него, од утре во болницата во Дебар, ќе присуствуваат и двајца доктори од Клиниката за пулмологија за да го надополнат капацитетот и да помогнат на останатите здравствени работници, епидемиологот и тројцата инфектолози, кои се веќе таму, во однос на скринингот, во однос на третманот, во однос на домашните визите на пациентите кои се лекуваат во Дебар.
„Би сакал да кажам дека целосно сме свесни дека здравствените работници се најескпонирани и за време на работата и надвор од здравствените установи, но ние мора да правиме се за да ги заштитиме тие луѓе заради тоа што во овие услови, како и во сите други тоа е многу потребно мора да обезбедиме одржлив и стабилен здравствен систем за сите", рече Филипче.
Тој додаде дека нема да има оправдување за граѓаните кои нема да се придржуваат на мерките што се донесени како одлуки на Владата.
Исто така, министерот Филипче упати порака до здравствени работници дека тудот и напорот и улогата која што се дава во овој момент е непроценлива. Во врска со апелот до граѓаните, истакна дека е потребно тие да се придржуваат до мерките.
Светската здравствена организација (СЗО) на 11 март поради ширењето на коронавирусот прогласи глобална пандемија. Од коронавирусот во светот починаа повеќе од 7.500 лица, а потврдени се преку 180.000 случаи на заразување со коронавирусот во речиси 160 земји, според податоците на СЗО.