09 Март 2020•Ажурирај: 09 Март 2020
РИМ (АА) - Бројот на починати од коронавирусот во Италија порасна на 366 лица, што е за 133 повеќе во однос на претходниот ден, соопштија од Цивилната заштита, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Јавниот сервис на Италија, „Раи“, ги пренесе наводите на Анџело Борели, директорот на Цивилната заштита, кој потврди дека досега се потврдени 6.387 позитивни тестови на коронавирусот. Од нив 3.557 лица се хоспитализирани, додека 650 се на интензивна нега. Во последните 24 часа, според Борели, регистрирани се 1.326 нови случаи. Тој додаде дека досега излекувани се 622 лица, и дека најголем број од починатите се на возраст од 70 години и постари.
Италија воведе низа мерки за сузбивање на ширењето на коронавирусот, а како една од новите мерки Борели најави набавка на 22 милиони маски.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави и брзо се рашири во кинескиот град Вухан, а случаи на вирусот потврдени се во над 90 земји. Бројот на смртни случаи од коронавирусот во светот надмина 3.700, додека над 105.000 луѓе се заразени.
Светската здравствена организација (СЗО) прогласи многу висока состојба на глобална опасност. Болеста официјално е наречена Ковид-19.