Faisal Mahmud
05 Август 2026•Ажурирано: 05 Август 2026
Кина денес успешно лансираше два сателита за далечинско набљудување, опремени со вештачка интелигенција, од морска платформа со ракета „Смарт Драгон-3“, објави државниот весник „Глобал тајмс“, јавува Анадолу.
Ракетата полета во 10:38 часот по локално време (02:38 часот по Гринич) од морските води во близина на Хајанг, во источната кинеска покраина Шандонг, при што сателитите „Донгфанг Хуејан Хиперспектрал 01“ и „Донгфанг Хуејан Хиперспектрал 02“ беа успешно поставени во предвидените орбити.
Ова беше 12. лет на ракетата „Смарт Драгон-3“ и нејзино четврто лансирање годинава.
Сателитите се наменети за следење на квалитетот на водата, вегетацијата, земјоделските култури и минералните наоѓалишта.
Тие се опремени со 22 хиперспектрални канали и систем за вештачка интелигенција развиен од компанијата „Стар Вижн Аероспејс Груп“ со седиште во Хангџоу.
Според компанијата, системот со вештачка интелигенција им овозможува на сателитите да ги анализираат податоците директно во орбитата во реално време, со што времето за обработка се намалува од неколку дена на само неколку минути.
Сателитите, наречени „Самарканд-2028“ и „Лампунг-1“, се развиени и во соработка со партнери од Узбекистан и Индонезија.
Ова е втора кинеска орбитална мисија лансирана од море во последните две недели.