Faisal Mahmud
11 Август 2026•Ажурирано: 11 Август 2026
Виетнам започна со изградба на, како што го опишуваат официјалните лица, најголемиот и најнапредниот воен брод досега произведен во земјата, што претставува значаен чекор во напорите на земјата за зајакнување на поморските и одбранбено-индустриските капацитети, јавува Анадолу.
Церемонијата по повод почетокот на изградбата на повеќенаменската фрегата за противподморничка борба се одржа вчера во централниот крајбрежен град Да Нанг, објави „Виетнам њуз“.
Бродот го гради корпорацијата „Сонг Ту“, во рамки на Генералниот оддел за одбранбена индустрија, во координација со Виетнамската народна морнарица.
Виетнамските власти соопштија дека земјата постигнала самостојност во проектирањето и изградбата на фрегатата и дека совладала најголем дел од технологиите за производство на оружјето и опремата што ќе бидат поставени на бродот.
Заменик-министерот за одбрана, генерал-потполковник Фам Хоаи Нам, изјави дека воениот брод од најновата генерација ќе може да открива и уништува подморници и оти се очекува да биде завршен во рок од 36 месеци.
Фрегатата ќе биде опремена со активен електронски скениран радар, ракети за противвоздушна одбрана и напредни противбродски ракети развиени во земјата.
„Во услови на брзи, сложени и непредвидливи случувања во светот и регионот, мора постојано да ги зајакнуваме нашите вкупни капацитети, да обезбедиме стратегиска самостојност во оружјето и техничката опрема и да изградиме револуционерна, редовна, елитна и модерна армија“, рече Нам.
На церемонијата беше извршено и сечењето на првиот челичен лим, со што официјално започна изградбата на бродот.