İhvan Radoykov
04 Февруари 2020•Ажурирај: 05 Февруари 2020
СОФИЈА (АА) - Во Бугарија сè уште не е решена политичката криза, а напнатоста меѓу претседателот Румен Радев и Владата, која ја предводи премиерот Бојко Борисов, деновиве уште повеќе се зголеми, јавува Агенција Анадолија (AA).
Бугарскиот претседател, денеска, во обраќањето до нацијата изјави дека ја повлекол поддршката за актуелната Влада, додавајќи дека веќе три години континуирано го предупредува премиерот поради лошите одлуки за многу важни прашања.
„Сведоци сме на длабока криза на сите нивоа на власта“, рече Радев.
Тој истакна дека недостигот на волја за борба против корупцијата, постојаното кршење на законите и падот на моралот го парализирале целиот систем на управување во земјата.
Исто така нагласи дека актуелната Влада во изминатиот период направила неколку големи административни пропусти, меѓу кои и прекинување на водоснабдувањето во градот Перник, во близина на Софија, и одлуката за дистрибуција на увезениот отпад што ќе се распореди во сите делови на Бугарија.
„Бугарија не е ѓубриште. Никој не може да си игра со здравјето на граѓаните само затоа што тоа ќе донесе парична заработка на неколкумина стопанственици блиски до Владата“, рече Радев.
Додаде дека сиромаштијата и нееднаквоста сè повеќе се шири меѓу граѓаните на Бугарија, напоменувајќи дека особено се загрозени социјалните права на многу луѓе во земјата.
Радев, како кандидат на опозициската Бугарска социјалистичка партија (BSP), во 2016 година беше избран за претседател на земјата, но во многу прашања не се согласува со Владата предводена од Борисов.