Ekipa
04 Февруари 2020•Ажурирај: 04 Февруари 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Состанокот на Заедничкиот либиски воен комитет во форматот 5 + 5 во Женева продолжува и денеска, со цел да се помогне сегашното примирје да се претвори во полноправен прекин на огнот, изјави специјалниот претставник за Либија на Обединетите нации (ОН), Гасан Саламе, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата во Женева, пред да започнат разговорите, Саламе ги пофали напорите на Турција и Русија во постигнувањето примирје кое ќе прерасне во прекин на огнот и долготраен мир.
„Постои вистинска волја за двете страни да седат заедно“, изјави Саламе.
„Постојат многу обиди на некој начин да се формализира прифаќањето на примирјето во нешто формално, но постоеше двоумење, особено од страна на г. Хафтар.“
„Двете страни дојдоа во Женева и започнавме да дискутираме за долгата листа со точките на нашата агенда, за примирјето да го претвориме во поцврсто, поретко прекршувано, а исто така и во трајно примирје кое може да се претвори во прекин на огнот“, рече тој.
Тој рече дека се сретнал со нив одделно и се надева оти ќе се согласат да се сретнат подоцна лице в лице.
Хафтар се согласи на Конференцијата во Берлин минатиот месец да назначи членови на Воената комисија предложена од ОН со по пет члена од секоја страна (5 + 5), да го следат спроведувањето на прекинот на огнот.
„Ние не оставаме настрана ниту едно од прашањата што се неопходни за да се има траен прекин на огнот“, рече Саламе.
„Постојат три теми вклучени во преговорите“, изјави претставникот на ОН, на кои фокус ќе се стави и на воената и безбедносна ситуација со цел постигнување траен прекин на огнот.
Преговорите за економијата на Либија ќе се одржат во Каиро на 9 февруари, а подоцна разговорите од политичка природа можат да продолжат во Женева.
Сите страни на Конференцијата во Берлин ги замолија либискиот премиер Фајез ал Сараџ и воениот лидер Калифа Хафтар, кои беа во Берлин, но не и на Конференцијата, „да го продолжат примирјето со цел ние да ѝ дадеме шансa на дипломатијата“.
„Договорот од Берлин од 21 јануари, ги обврзува потписниците да не се мешаат во граѓанската војна во Либија, да го поддржат прекинот на огнот, да го испочитуваат прекинатото ембарго за оружје на ОН и да го поддржат политичкиот процес предводен од ОН“, рече Саламе.