МОСКВА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, истакна дека целта е обемот на трговска размена меѓу Турција и Русија да се зголеми на 100 милијарди долари, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ја пресметуваме моменталната состојба и размислуваме за новите цели во иднината“, потенцираше Ердоган.
По состанокот на Ердоган со рускиот претседател Владимир Путин, во Кремљ се одржа и состанок на двете делегации.
Ердоган изразувајќи го своето задоволство за одржувањето на 8. состанок на Високиот совет за соработка помеѓу Турција и Русија, на претседателот Путин му се заблагодари за топлото и пријателско гостопримство.
Турскиот претседател нагласи дека по 7. состанок на Високиот совет за соработка, со Путин имал средби по различни поводи, и потсети дека надлежните министри и официјалните лица од двете земји биле во контакт.
- „Во Русија имаме 1.300 наши инвеститори“ -
Турскиот претседател Ердоган, истакнувајќи дека поставен е темелот на нуклеарната централа Акују и е завршен морскиот дел од гасоводот „Турски тек“ рече: „До крајот на ова година сакаме да го завршиме копнениот дел од гасоводот „Турски тек“. Минатата година нашата земја ја посетија 6 милиони туристи од Русија. Соборивме рекорд. Русија се наоѓа на првото место по бројот на туристи. Нашите бизнисмени продолжија со придонесот за Русија. Моментално имаме 1.300 бизнисмени, инвеститори од Турција”.
Ердоган потсети и на отворањето на фабриката на германска автомобилска компанија во Русија, која ја отвори Путин, а е изградена од страна на турска компанија.
„Оваа година, исто така организираме различни активности за годината за Култура и туризам која официјално ќе биде отворена во театарот Бољшој. На средбата предмалку разменивме мислења за регионални и меѓународни прашања. Во меѓувреме се состанаа и министрите со своите колеги. Сега сите заедно ќе направиме една заедничка оценка. Трговскиот обем минатата година се зголеми за 15 отсто, и достигна до 26 милијарди долари. Нашата цел е да стигнеме до 100 милијарди долари. Ја пресметуваме моменталната состојба и размислуваме за новите цели во иднината. Ќе продолжиме со соработката во стратешките, воените, економските, културните, трговските и во сите други области”, истакна турскиот претседател.
Ердоган во Русија е придружуван од делегацијата составена од страна на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, министерот за енергетика и природни ресурси, Фатих Донмез, министерот за трезор и финансии, Берат Албајрак, министерот за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, министерот за национална одбрана, Хулуси Акар, министерот за земјоделство и шумарство, Бекир Пакдемирли, министерката за трговија, Рухсар Пекџан, министерот за транспорт и инфраструктура, Мехмет Џахир Турхан, претседателот на разузнавачката служба МИТ, Хакан Фидан, шефот за комуникација при турското Претседателство, Фахретин Алтун, како и шефот за одбранбена индустрија при турското Претседателство, Исмаил Демир.
news_share_descriptionsubscription_contact
