Burç Eruygur
15 Февруари 2023•Ажурирај: 16 Февруари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека Киев и неговите партнери прават сè заедно за Русија да ја изгуби војната со Украина што е можно поскоро, пренесува Анадолу.
„Денес е ден на уште еден Рамштајн, состанок на групата за воена поддршка за Украина... Имаме редовни силни одлуки за заштита на нашата земја и зајакнување на нашите војници“, рече Зеленски во синоќешното телевизиско обраќање.
Тој истакна дека партнерите на Украина го потврдиле испраќањето на повеќе системи за противвоздушна одбрана, тенкови, артилерија и обука за украинската војска.
Вчера во Брисел се одржа деветтиот состанок на Контакт-групата за одбрана на Украина, сојуз од 54 земји кои ја поддржуваат одбраната на Украина како одговор на руската „специјална воена операција“.
Американскиот секретар за одбрана, Лојд Џ. Остин, кој претседава со групата, рече дека сојузниците јасно ставиле до знаење дека ќе ја поддржат самоодбраната на Украина на долг рок.