Ekip
23 Јули 2019•Ажурирај: 23 Јули 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Откако не успеаја да го депортираат во Јордан, израелските власти вчера го вратија фоторепортерот на Anadolu Agency (AA) во притворниот центар, каде што претходно беше притворен шест месеци.
„Израел уште во неделата вечерта се обиде да го депортира Мустафа Харуф (32) во Јордан, но цврстиот отпор на Јордан го спречи тоа“, изјави за АА адвокатот на Харуф, Ади Лустигман.
Тој рече дека сè уште немал прилика да разговара телефонски со неговиот клиент, нагласувајќи дека тие ќе бараат негово ослободување преку сите законски можности.
„Случувањата од неделата вечерта покажаа дека не постои друго место за да оди Харуф, освен во Ерусалим“, додаде адвокатот.
„Харуф ќе се појави на суд во Израел на 8 август“, изјави Лустигман.
Лустигман нагласи дека тој ќе бара да се сретне со неговиот клиент и ќе бара негово ослободување што е можно поскоро.
Извор од Министерството за надворешни работи на Јордан за АА изјави дека тие ја попречиле неговата депортација бидејќи тој нема јорданско државјанство.
„Депортацијата, исто така, е спречена поради нелегалниот начин на кој Израел се обидел да го депортира“, додаде изворот, кој зборуваше под услов за анонимност, не давајќи повеќе детали.
Израел сè уште не издаде соопштение за ваквите изјави.
Пријател на Харуф за АА вчера изјави дека не се слушнал со него по одлуката на Израел да го депортира во Јордан.
- Закана за депортација -
Харуф беше притворен од страна на израелската полиција во Источен Ерусалим (Кудс) на 22 јануари и беше задржан во затвор пред неговата планирана депортација.
Израелските власти велат дека Харуф, кој живеел во Ерусалим со неговото семејство од кога имал 12 години, бил роден во Алжир.
„Тој за време на нашиот телефонски разговор вчера ми кажа дека израелските власти ќе го депортираат денес“, изјави вчера неговиот пријател, кој за АА зборуваше под услов да остане анонимен.
Во текот на изминатите 20 години, израелските власти постојано одбиваа да му дадат на Харуф дозвола за долгорочен престој, принудувајќи го да добива нови туристички визи секоја година.
Иако Харуф има јордански пасош, кој му овозможува да патува во соседните арапски држави, тоа не му дава државјанство или право на престој во Јордан.
Харуф работи како фоторепортер на АА од август минатата година.
Израел за време на Арапско-израелската војна во 1967 година го окупираше Источен Ерусалим, во кој се наоѓа комплексот на џамијата „Ал Акса“.
Во потег кој никогаш не беше признат од меѓународната заедница, Израел го анектираше целиот град во 1980 година, нарекувајќи го „вечен и неделив“ главен град на самопрогласената еврејска држава.