Mustafa Deveci
22 Јануари 2020•Ажурирај: 23 Јануари 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска го прими францускиот претседател Емануел Макрон, а од Кабинетот на премиерот направија несекојдневен гаф и гостинот го именуваа како руски претседател, јавува Агенција Анадолија (AA).
Нетанјаху во Ерусалим се состана со Макрон, кој допатува во посета на Израел за да учествува на Светскиот форум за холокаустот.
Од Кабинетот на Нетанјаху не открија детали за разговорот меѓу двајцата лидери, туку само на социјалната мрежа Фејсбук беше објавена информација дека состанокот е одржан.
На Фејсбук беше објавена видеоснимка во живо на која се гледа како Нетанјаху придружуван од неговата сопруга Сара го прима Макрон.
Во насловот на снимката на англиски јазик од Кабинетот беше напишано дека Нетанјаху се сретнал „со рускиот претседател Макрон“. Грешката во насловот не беше исправена ниту по неколку часа.
На Форумот во Ерусалим учество најави и рускиот претседател Владимир Путин, па веројатно тоа е причина за „забуната“ во Кабинетот на Нетанјаху.
Макрон денеска во Рамала, на окупираниот Западен Брег, треба да се состане и со палестинскиот претседател Махмуд Абас.