Erbil Başay
19 Август 2018•Ажурирај: 19 Август 2018
МЕСЕБЕРГ (AA) - Германската канцеларка Ангела Меркел, пред состанокот со рускиот претседател Владимир Путин, порача дека е неопходно да се спречи можната хуманитарна катастрофа во сирискиот град Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Меркел се состана со Путин во палатата Месеберг, резиденцијата на германската Влада во близина на главниот град Берлин.
Пред почетокот на состанокот, Меркел за медиумите изјави дека една од главните теми во текот на средбата со Путин ќе бидат случувањата во Сирија и додаде дека е „неопходно да се спречи можната хуманитарна катастрофа во Идлиб“.
Германската канцеларка рече дека се забележува дека судирите во Сирија значително се намалени, но, како што подвлече, тоа не значи дека во оваа земја е воспоставен мир. Германија, според зборовите на Меркел, сака да започне политички процес.
Исто така, додаде дека нејзината земја ги поддржува напорите кои ги вложува специјалниот претставник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, Стефан де Мистура.
Кога се во прашање останатите теми, Меркел додаде дека ќе стане збор за Иран и дека Германија се залага за Договорот за нуклеарната програма постигнат со оваа земја. Сепак, Меркел истакна дека Германија е загрижена поради Балистичката ракетна програма на оваа земја за Јемен, како и поради иранските активности во Сирија.
Меркел се осврна и на ситуацијата во Украина, нагласувајќи дека е потребно оваа тема да се земе предвид врз темелите на Договорот во Минск.
Потсети дека на истокот на Украина сѐ уште не е постигнато севкупно примирје, и дека на тој план, со отворање на училишта ќе се започне една нова иницијатива. Додаде дека со Путин ќе разговара и за можностите за испраќање мировна мисија на ОН.
Од друга страна, рускиот претседател Путин рече дека Русија придава голема важност на економијата и на другите сектори каде што е можно остварување соработка во контекст на заедничките интереси.
Германија е, како што истакна Путин, еден од најголемите купувачи кога станува збор за руските енергетски извори, и освен што е најголем купувач, таа истовремено е важна транзитна земја. Потсети и на фактот дека Русија, заедно со германските партнери работеше на проектот на гасоводот Северен тек II.
Рускиот претседател нагласи дека гасот ќе продолжи да се испорачува преку Украина, но дека важно прашање во тој контекст се неопходните економски услови.
Исто така, Путин се осврна и на ситуацијата на Блискиот Исток, и рече дека е „многу важно да се прошири количеството хуманитарна помош за Сирија, особено хуманитарната помош за сирискиот народ“.
Нагласи дека е неопходно да се достави хуманитарна помош во сириските региони во кои можат да се вратат бегалците од Турција, Јордан и Либан.
Кога станува збор за истокот на Украина, Путин рече дека нема напредок на тоа поле, но констатираше дека со оглед на тоа што Договорот од Минск нема алтернатива, неопходно е да се продолжи со преговорите.