Behlül Çetinkaya
31 Октомври 2019•Ажурирај: 01 Ноември 2019
ИСЛАМАБАД (АА) - Во близина на пакистанскиот град Лијакатпур дојде до експлозија од која се запалија 3 вагони на еден патнички воз. Според последните информации, досега во несреќата животот го загубиле 73 лица, а над 40 се повредени, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за железница на Пакистан, Шех Рашид Ахмед, изјави дека во јужниот дел на земјата, во близина на Лијакатпур, на подрачјето на градот Рахим Јар Хан се случила експлозија од која избувнал пожар во возот „Тезграм Експрес“, кој од Карачи се движел кон Равалпинди.
Министерот Ахмед информираше дека причина за пожарот е експлозија на таканаречен „шпорет за кампинг“, кој се состои од две мали плински боци, кои патниците ги носат со себе за подготвување доручек. Дел од патниците во паника по експлозијата и настанатиот пожар починале скокајќи од возот.
Министерот соопшти дека два од трите вагони кои беа зафатени од пожарот се од економска класа, додека третиот е од прва класа.
На снимките од местото на несреќата што ги објавија пакистанските медиуми, покрај оштетените шпорети за кампинг, можат да се забележат и големи кујнски плински боци. Постои сомневање дека првата експлозија предизвикала последователни експлозии.
Министерот Ахмед информираше дека во возот се наоѓале вкупно 200 патници.
Раководителот на спасувачките тимови од Рахим Јар Хан, Бакир Хусејин, соопшти дека меѓу загинатите има лица кои во потполност изгореле, додавајќи дека меѓу загинатите има тела кои не можат да се препознаат и дека ќе биде потребно да се изврши ДНК-анализа.
Претставниците на Министерството за железница за локалните медиуми изјавија дека забранетите шпорети за кампување биле скришно внесени во возот.
Министерот Ахмед рече дека ќе биде спроведена истрага за одговорните од обезбедувањето кои не ја спровеле потребната контрола.
Со цел да се помогне во спасувањето и лекувањето на повредените, Пакистанската војска испрати воени лекари во локалните болници. Лицата кои се во критична состојба со амбулантни хеликоптери се префрлени во други болници.
- Властите започнаа истрага -
По несреќата, соопштение објавија пакистанското Претседателство и Владата.
Претседателот Ариф Алви преку социјалните мрежи го изрази своето жалење за починатите во несреќата и на семејствата на жртвите им изрази сочувство.
Премиерот Имран Кан даде слична изјава, во која наведува дека издал наредба за спроведување брза истрага.