Ekip
03 Мај 2022•Ажурирај: 04 Мај 2022
РИМ (АА) - Папата Франциск, поглаварот на Римокатоличката црква, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин го избегнува неговото барање за средба во Москва, на која ќе се разговара за мирот во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
На почетокот на војната што започна со рускиот напад на 24 февруари, папата Франциск направи невиден гест и самиот го посети рускиот амбасадор во Ватикан, за да побара прекин на непријателствата.
Говорејќи за италијанскиот весник „Кориере дела сера“, папата откри дека побарал и од својот заменик-кардинал Пјетро Паролино да ја пренесе пораката дека е подготвен да оди во Москва.
„Сѐ уште не добивме одговор и сѐ уште се залагаме за него, иако се плашам дека Путин не може и не сака да ја одржи оваа средба сега“, рече папата Франциск.
Папата рече дека посетата на Москва треба да има предност пред Киев, каде што беше поканет од Украинците.
„Прво треба да го запознаам Путин. Сепак, јас сум свештеник, што да правам? Правам што можам. Кога Путин би ја отворил вратата...“, рече папата Франциск.
Папата потврди дека ја откажал средбата со поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил, закажана за 14 јуни во Ерусалим. Кирил силно ја поддржа руската војна против Украина, позиција што ја критикуваше папата Франциск.
„Патријархот не може да стане момче од олтарот на Путин“, рече папата.
Папата Франциск рече дека е „песимист“ во врска со перспективата за мир, иако рече дека унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој се сретна со него минатиот месец во Рим, му рекол дека Русија ќе ги прекине непријателствата на 9 мај, симболичен датум што ја означува победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија.
„Нема доволно волја за мир. Војната е страшна и мораме тоа да го кажеме гласно“, рече тој.