Ekipa
04 Јули 2022•Ажурирај: 04 Јули 2022
РИМ (АА) - Најмалку шест лица загинаа откако големо парче планински глечер се урна на италијанските Алпи вчера попладне, оставајќи осуммина повредени и околу 20 исчезнати, соопштија властите денес, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лавината од снег, мраз и камења погоди група алпинисти кои се искачуваа со јаже на Мармолада, највисоката планина на Доломитите, меѓу северните италијански региони Трентино и Венето, соопштија локалните служби за итни случаи.
Италијанскиот премиер Марио Драги изрази најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите, чиј идентитет сè уште не е познат. Утринава Драги ќе отпатува за Каназеи, во покраината Тренто, каде што е поставен центар за спасување.
Експертите велат дека несреќата во Мармолада била најголемата од ваков вид на Алпите во последните децении. Тие истакнаа дека рекордно високите температури во последните денови можно е да придонеле за забрзување на топењето на мразот, но додадоа дека и многу други фактори се во прашање.
Според истражувањето на италијанскиот државен истражувачки центар CNR, глечерот во следните 25-30 години повеќе нема да постои, а поголемиот дел од него веќе е исчезнат поради ефектите од глобалното затоплување.