Ali Murat Alhas
22 Јуни 2020•Ажурирај: 23 Јуни 2020
АНКАРА
Откако во САД на сила стапи „Законот на Цезар“ за воведување на санкции кон режимот на Башар ал Асад поради воени злосторства, стотици илјади Сиријци ширум светот се охрабрени и ја интензивираа потрагата по изчезнатите членови на семејствата и роднините во Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Законот на Цезар“ за заштита на цивилите на Сирија на сила стапи на 17 јуни, а стотици илјади сириски семејства ги пребаруваат линковите на интернет на кои претходно се објавувани фотографии од убиените затвореници во затворите на режимот на Асад во Сирија.
Еден од основачите на Здружението за потрага по исчезнати и заробени лица во Сирија, Имадудин Расит, за АА изјави дека здружението, со седиште во Франција, досега објави повеќе од 6.000 фотографии на убиени затвореници кои биле жртви на брутална тортура и малтретирање во затворите низ Сирија.
Првите фотографии беа објавени на Интернет во март 2015 година, а последниот контингент од околу 60 фотографии беше објавен во февруари годинава.
Посочувајќи дека роднините на 731 жртва од фотографиите стапиле во контакт со здружението, Расит рече дека 85 отсо од тие роднини доставиле информации за идентитетот на жртвите и дека половина изразиле подготвеност да сведочат на суд.
„Од почетокот на имплементацијата на „Законот на Цезар“ интернет страницата на здружението ја посетија речиси милион луѓе и ни се јавува се поголем број на семејства“, изјави Расит.
Тој рече дека здружението се грижи фотографиите да бидат објавени внимателно и контролирано, со оглед дека станува збор за фотографии со вознемирувачка содржина, а страницата е затворена за посети на малолетни лица. Тој додаде дека станува збор за повнимателна пракса отколку објавување на социјалните мрежи, што нанесува дополнителна болка врз семејствата на жртвите.
„Законот на Цезар“ е именуван по псевдонимот на сирискиот воен полицаец со исто име, кој во 2014 година на медиумите им обезбеди фотографии од жртви на тортура направени во затворите на режимот на Асад.
Фотографиите на Цезар за прв пат беа објавени од АА во 2014 година, а фотографиите имаа значително влијание врз понатамошните истраги за воените злосторства во Сирија.
Американскиот сенат на 21 декември го усвои, а претседателот Доналд Трамп три дена подоцна го одобри Нацрт „Законот на Цезар“ за заштита на цивилите во Сирија со кој се предвидуваат дополнителни санкции за режимот на Асад и неговите сојузници, вклучувајќи ги Иран и Русија.
Сирија од март 2011 година е средиште на граѓанска војна која изби откако режимските сили на Асад со сила се обидоа да ги задушат продемократските протести во таа земја.