Burak Bir
01 Септември 2026•Ажурирано: 01 Септември 2026
Полицијата денес соопшти дека 636 лица биле приведени, а десетици парчиња оружје биле запленети за време на дводневниот карневал во Нотинг Хил во Лондон, а едно лице починало по потера во која учествувале полицајци, јавува Анадолу.
Лондонската Метрополитенска полиција во соопштението наведе дека полицајците во неделата привеле 242 лица, а вчера уште 394 за време на карневалот, кој важи за најголем уличен фестивал во Европа.
Од вкупниот број приведувања, 193 биле извршени на влезовите на настанот, а другите се случиле во областа каде што се одржувал карневалот, се наведува во соопштението.
Лондонската Метрополитенска полиција соопшти дека прекршоците вклучувале поседување и продажба на дрога, напади, вклучително и напади врз припадници на итните служби, поседување оружје, сексуални престапи и нарушување на јавниот ред.
„Употребата на технологијата за препознавање лица во реално време беше проширена оваа година, што доведе до 214 предупредувања, 121 апсење и запирање и разговор со 86 регистрирани сексуални престапници“, се наведува во соопштението.
Се додава дека седум регистрирани сексуални престапници биле затекнати како ги прекршуваат условите или обврските за пријавување и биле уапсени.
Мерката за запирање и претрес била широко применета како дел од проактивниот полициски пристап, што резултирало со пронаоѓање на 68 парчиња оружје, меѓу кои и еден пиштол, се додава во соопштението.
Вчера полицијата соопшти дека маж починал откако влегол во каналот покрај улицата Кенсал Роуд по потера со полицајците што го спречиле да влезе на настанот.