Oktaj Omeragikj
13 Декември 2022•Ажурирај: 14 Декември 2022
СКОПЈЕ
Денес во рамките на полуфиналето на Светското фудбалско првенство 2022 што ФИФА го организира во Катар, ќе се сретнат селекциите на Аргентина и Хрватска, известува Агенција Анадолија (АА).
Натпреварот меѓу овие две репрезентации се игра на стадионот Лусаил во Доха, со почеток во 20:00 часот. Средбата ќе ја води судијата од Италија Даниеле Орсато.

Победникот од овој дуел, во финалето на СП Катар 2022 ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Франција и Мароко. Втората полуфинална средба се игра утре (14 декември), со почеток во 20:00 часот.
Ова не е прва средба меѓу селекциите на Аргентина и Хрватска на светските првенства. Двете репрезентации по третпат ќе се сретнат на СП. Во 1994 година, во натпревар од групната фаза, Аргентина ја совлада Хрватска со 1:0. На претходното Светско првенство што се одржа во Русија 2018 година, во групната фаза Хрватска ја совлада Аргентина со 3:0.
- Патот на Аргентина до полуфиналето
На Светското првенство Катар 2022 Аргентина натпреварите од групната фаза ги играше во групата Ц, заедно со селекциите на Саудиска Арабија, Мексико и Полска.
Првиот натпревар на првенството Аргентина го започна со пораз од селекцијата на Саудиска Арабија од 2:1. По овој шок, Аргентина успеа во наредните две средби да ги совлада Мексико (2:0) и Полска (2:0) и со 6 бода да го освои првото место во групата и пласман во осминафиналето.
Во осминафиналето Аргентина за противник ја имаше репрезентацијата на Австралија. Извојувајќи победа од 2:1 Аргентина се пласираше во четвртфиналето каде ги одмери силите со Холандија. Во натпревар кој во регуларниот тек и по продолжетоците заврши без победник 2:2, се премина на изведување на ударите од белата точка. Селекцијата на Аргентина беше подобар изведувач на пеналите и совладувајќи ја Холандија, се пласираше во полуфиналето каде за противник ја им репрезентацијата на Хрватска.
- Патот на Хрватска до полуфиналето
Селекцијата на Хрватска на ова светско првенство во групната фаза натпреварите ги играше во група Ф, во која силите ги одмери со репрезентациите на Мароко, Белгија и Канада.
На првиот натпревар на СП Катар 2022 против тимот на Мароко, Хрватска одигра нерешено 0:0. Во вториот натпревар од групата, Хрватска ја совладаа Канада со резултат 4:1, а без победник 0:0 заврши последниот натпревар на Хрватска против Белгија. На тој начин, Хрватска со 5 бода се најде на второто место во групата, зад селекцијата на Мароко која собра 7 бода во групата и на првото место ја заврши групната фаза.
Во осминафиналето Хрватска играше против Јапонија. Овој натпревар, кој во регуларниот тек и по продолженијата заврши без победник 1:1, Хрватска го доби по подоброто изведување на пеналите. На сличен начин Хрватска во четвртфиналето ја елиминираше и селекцијата на Бразил. На натпреварот кој по првите 90 минути заврши без победник 0:0, се играа продолжетоци. Бразил поведе со 1:0 во првиот продолжеток 105+1 минута од средбата. И кога сите очекуваа натпреварот да заврши со победа на Бразил, Хрватска во 117 минута израмни на 1:1 и се замина на изведување на ударите од белата точка.
Хрватска беше подобар изведувач на пеналите и со победата над Бразил се избори пласман во полуфиналето на СП Катар 2022, каде ќе се состане со селекцијата на Аргентина.
- Финале на СП Катар 2022
Финалето на Светското фудбалско првенство Катар 2022 е закажано за 18 декември (недела) со почеток во 16:00 часот на стадионот Лусаил во Доха.
Во финалето ќе се сретнат победниците од дуелите Аргентина - Хрватска и Франција - Мароко.
Натпреварот за третото место се игра на 17 декември (сабота), на стадионот Халифа со почеток во 16:00 часот.