ДОХА (АА)
Фудбалските репрезентации на Франција и Мароко вечерва во полуфиналето ќе се борат за место во финалето на Светското првенство Катар 2022, известува Агенција Анадолија (АА).
На Стадионот „Ал Бајт“ во Ал Хор вечерва со почеток во 20 часот ќе започне дуелот меѓу актуелниот светски шампион Франција и селекцијата на Мароко, најпријатното изненадување, првата африканска репрезентација која се пласирала во полуфиналето на едно светско првенство во фудбал. Франција, која низ целиот турнир ја предводи извонредниот напаѓач на Париз Сен Жермен, Килијан Мбапе, ќе има можност да дојде до уште едно големо финале и на чекор од одбраната на титулата светски шампион, што досега им успеало само на Бразил и Италија. Воедно, за „триколорите“, тоа би била трета титула шампион на светот. Франција првата титулата светски шампион ја освои како домаќин на Првенството во 1998 година, а вториот триумф на Светските првенства го постигна во Русија 2018 година.
Од друга страна, Франција во полуфиналето ја чека феноменалниот тим на Мароко, предводен од ѕвездата Хаким Зијеш, крилниот офанзивен играч на Челси, кој во Катар игра извонредно. Мароко со самиот пласман во полуфиналето испиша историја, не само на својот, туку и на африканскиот фудбал. Имено, Мароко стана првата африканска репрезентација која се пласира меѓу четирите најдобри селекции на светот. Никој не се сомнева дека и против Франција ќе се обиде да направи уште едно големо изненадување и да избори пласман во финалето.
Франција до полуфиналето дојде од групата Д, во која првото место го обезбеди по првите две кола со победите над Австралија (4:1) и Данска (2:1). Во последното коло, кое не влијаеше врз пласманот во наредната фаза, Франција загуби од Тунис, 0:1. Во осминафиналето актуелниот светски шампион лесно мина со Полска, совладувајќи ја со резултат 3:1, за да во дербито на четвртфиналето ја елиминира Англија со 2:1.
Мароко на патот до полуфиналето на СП Катар 2022 стигна од групата Е, во која беа фаворитите Белгија и Хрватска и селекцијата на Канада. Мароко приреди пријатно изненадување и по нерешениот меч со Хрватска на својот прв натпревар на овој шампионат, во второто коло ја совлада Белгија со 2:0. Во последното коло Мароко ја совлада Канада со 2:1 и си осигура лидерска позиција во групата. Во осминафиналето за противник ја имаше репрезентацијата на Шпанија, која беше голем фаворит, но за Мароканците тоа ништо не значеше. Одиграа еден дефанзивно добар натпревар и по регуларниот дел и одигрувањето на продолженијата се изведуваа ударите од белата точка. Голманот на Мароко беше расположен и не дозволи Шпанците да ја затресат неговата мрежа при изведувањето на ударите од белата точка и на својата репрезентација ѝ донесе пласман во четвртфиналето. Во четвртфиналето противник на Мароко му беше Португалија, повторно голем фаворит. На оваа средба Мароканците успеаја да ја совладаат Португалија со 1:0, потврдувајќи дека можат да совладаат кого било на ова светско првенство, па зошто не и Франција.
Синоќа, во првото полуфинале Аргентина убедливо со 3:0 ја совлада репрезентација на Хрватска.
Финалето на Светското првенство во Катар 2022 е закажано за 18 декември (недела), со почеток во 16:00 часот на Стадионот „Лусаил“. Ден претходно, во натпревар за третото место на Првенството, на Стадионот „Халифа“, со почеток во 16:00 часот ќе се сретнат поразените селекции од полуфиналните дуели.
news_share_descriptionsubscription_contact
