Yakup Sağlam
01 Мај 2026•Ажурирај: 01 Мај 2026
Ерен Доган, аниматор што со шминка и костим го оживува култниот лик на „Џокер“ од светот на стриповите на „Ди-Си Комикс“, со своите перформанси внесува ведрина на настаните и улиците на турскиот град Адана, пишува Анадолу.
Иако дипломирал на насока за осигурување и бизнис-администрација, 35-годишниот Доган во 2013 година започнал да работи како аниматор.
Својата длабока фасцинација од „Џокер“, лик што од страниците на стриповите се пресели на филмското платно, Доган ја преточи во својата работа.
За да наликува на ликот што го толкуваа легендарните актери Хит Леџер, Џаред Лето и Хоакин Феникс, тој се шминка и го облекува препознатливиот костим, а во слободно време ги изведува своите перформанси низ историските места и улиците на градот.
Со текот на времето станал познат како „Џокерот од Адана“. Доган на секој настан му дава посебна атмосфера и со задоволство позира за спомен-фотографиите со сите што го сакаат овој лик.
- „Филмовите ги гледав можеби 15-20 пати“ -
Ерен Доган за Анадолу изјави дека благодарение на искуството како аниматор, брзо се соживеал со ликот на „Џокер“.
Споделувајќи дека неговата љубопитност кон овој лик трае со години, тој вели: „Имам колекции на играчки и постери со Џокер. Неговите филмови ги гледав можеби 15-20 пати.“
Доган вели дека пред секој настап сам ја нанесува шминката. „Најчесто сум во првите редови на фестивалите. Ги посетувам и историските места, како Камениот мост и Големата џамија, обидувајќи се да придонесам и во промоцијата на мојата Адана“, вели тој.
Радувајќи се на реакциите што ги добива, Доган додава: „Шетам по улиците на Адана и луѓето ме препознаваат како ’Џокерот од Адана‘. Често сум ваков низ градот. Бидејќи станува збор за специфичен лик, привлекувам големо внимание. Реакциите се прекрасни, луѓето сакаат да се фотографираме. Често на шега ме прашуваат: ’А каде се Бетмен и Харли Квин?‘“
Доган со својот несекојдневен израз го освојува и дигиталниот свет, каде што неговиот труд и видеа како „Џокерот од Адана” привлекуваат голем интерес на социјалните мрежи.