Faruk Zorlu
09 Јануари 2023•Ажурирај: 09 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Туркије го прави својот дел во глобалната борба против климатските промени, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Јасно е дека деструктивните ефекти од климатската криза бараат повеќе колективни напори. Климатските промени и проблемите што ги предизвикува се заеднички проблеми на човештвото“, рече Ердоган во видеопораката на специјалната Меѓународна конференција за климата организирана од Обединетите нации и Пакистан во Женева.
Осврнувајќи се на разорните поплави што зафатија една третина од Пакистан минатата година, оставајќи 1.700 загинати, Ердоган рече дека оваа катастрофа „уште еднаш ги открива разорните ефекти од климатските промени“.
„Борбата против оваа катастрофа и други слични на неа мора да се води солидарно во рамките на стратегијата“, рече Ердоган.
„Обновата која може да ѝ пркоси на климата во областите подложни на катастрофи и областите погодени од поплави во Пакистан ќе спречи ново страдање“, додаде тој.
Изразувајќи ја подготвеноста на Анкара да помогне во обновата со задоволување на итните потреби на погодените од катастрофи во Пакистан, турскиот претседател рече: „Агенцијата за управување со вонредни состојби (АФАД) и нашите невладини организации, исто така, ја покажуваат сета потребна чувствителност во испораката на хуманитарна помош.“
„Туркије го поддржуваше Пакистан во минатото, во овие тешки времиња, и ќе продолжи да го прави тоа“, подвлече Ердоган и додаде: „Испративме 7.500 тони хуманитарна помош со 15 летови и 13 возови.“
Тој, исто така, истакна дека Туркије испрати и два брода со над 1.630 тони хуманитарна помош, изразувајќи надеж дека „штом тие бродови ќе стигнат до пристаништата, страдањата на нашите браќа и сестри во Пакистан ќе бидат ублажени до одреден степен“.
Ердоган уште еднаш им ги пренесе најдобрите желби на Пакистанците, испрати сочувство до семејствата на жртвите и им посака брзо закрепнување на повредените во поплавите.