Dzihat Aliju
12 Август 2026•Ажурирано: 12 Август 2026
Во скопските општини Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден е прогласена епидемија на западнонилска треска, јавува Анадолу.
Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, заедно со претставниците од Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје Скопје и Клиниката за инфективни болести, на денешната прес-конференција информираа за епидемиолошката состојба со западнонилска треска во земјава.
„Ова не е ново заболување, присутна е и во текот на претходни години, а годинава заради актуелната епидемиолошка состојба, бројот на потврдени случаи и активноста на вирусот, наметнаа потреба од засилен институционален одговор“, истакна Андовски.
Тој порача дека нема место за паника, туку има потреба од внимателност и одговорност, односно граѓаните да преземаат мерки за лична заштита, носење соодветна облека, како и избегнување на места каде е најголема изложеноста на комарци.
Од Институтот за јавно здравје информираат дека заклучно со 11 август се регистрирани вкупно 26 случаи, за четворица пациенти во тек е дијагностичка постапка, додека 83-годишен пациент е починат.
- Западнонилски вирус -
За заштита од западнонилскиот вирус, кој најчесто се пренесува преку убод од комарци од родот Culex, нема достапна вакцина, а се препорачува заштита од убоди од комарци.
Се наведува дека инкубацискиот период од моментот на убодот од комарецот се движи од два до 14 дена, а кај лицата со ослабен имунитет овој период може да се продолжи до 21 ден.
Се посочува дека кај околу 80 отсто од лицата заразени со вирусот не се појавуваат никакви симптоми, додека кај приближно 20 отсто од пациентите може да се појават симптоми како треска, слабост, гадење и повраќање, главоболка и болки во мускулите.
Случаи на западнонилски вирус најчесто се регистрираат во Африка, Европа, Блиски Исток, Северна Америка и Западна Азија.