КУДС
Израелскиот Парламент го избра Исак Херцог, шефот на Еврејската агенција и поранешен лидер на Лабуристичката партија, за нов претседател на државата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Израелските парламентарци се собраа денеска да го изберат наследникот на актуелниот израелски претседател Рувен Ривлин, чиј мандат истекува на 9 јули.
Во трка за функцијата прв човек на Израел беа поранешниот лидер на Лабуристичката партија, Исак Херцог и ционистичката активистка Миријам Перец, која живее во еврејското населено место Гиват Зеев, помеѓу окупираниот Западен Брег и Источен Кудс (Источен Ерусалим).
Херцог во првиот круг од гласањето освои 87 гласа од вкупно 120 члена на израелскиот Кнесет, додека неговата противкандидатка Перец доби 27 гласа. На тој начин, Исак Херцог беше избран за 11. претседател на Израел.
Шеесетгодишниот шеф на Еврејската агенција, Херцог, е син на шестиот претседател на Израел, Хаим Херцог, кој на функцијата беше од 1983 до 1993 година.
Херцог, кој ја водеше Лабуристичката партија од 2013 до 2017 година, по истекот на мандатот на Ривлин на 9 јули ќе ја преземе претседателската фотелја.
Претседателот, кој во Израел се бира за седумгодишен мандат, има ограничени овластувања и е симболична позиција, за разлика од премиерот, кој има широки овластувања.
Овластувањата на претседателот се ограничени на помилувањето затвореници, прифаќање на акредитивните писма од амбасадорите и назначување мандатари за формирање на влада.